Топ 10 книги што ги прочитав во 2024 година
Updated: Jan 12
Многу сакам да правам листи! Особено на почеток на година како ретроспектива на работи кои сум ги направил во претходната. Една од листите кои ги водам во текот на годината е онаа со прочитани книги, а оттаму сега ја правам листата на топ 10 книги што ги прочитав во 2024 година. Одам хронолошки како се прочитани во годината бидејќи со оглед на жанровската разновидност не е возможно да се направи вредносно распоредување на скала од 1 до 10. Па одиме со ред:
Од онаа страна на небиднината: Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов, Иван Антоновски (2023, Дијалог)
Прва книга што ја прочитав во 2024 година е книгата „Од онаа страна на небиднината“ од Иван Антоновски, книга разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов. Авторот на книгата за ова издание кон крајот на 2024 година ја доби државната награда „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за публицистика.
Книга ја читав буквално од разденување до стемнување – како што тече и разговорот од хумор, светлина во разговорите, анегдоти, почетоците на Шопов сѐ до неговото мачно заминување што многу се чувствува во одговорите на Светлана Шопова. Авторот ги води разговорите убаво и сталожено, целата книга има убав тек, уживав читајќи.
Разговорите отвораат многу нови погледи кон животот и значењето на Ацо Шопов и како поет, но и како дипломат и општественик. Особено внимание привлекуваат мноштвото анегдоти поврзани со задкулисните случувања на Струшките вечери на поезијата, оние за судирот меѓу реалистите и модернистите, но и разговорите поврзани со мајката на Ацо Шопов, значењето на „телото“ во Шоповата поезија, но и оние за војната и првите песни.
Песнило, Ива Петреска (2023, ПНВ Публикации)
Втора книга во оваа листа влегува и првата стихозбирка на Ива Петреска, „Песнило“. Оваа книга тоолку долго ја чекав, ја имав и можноста да ја читам уште пред нејзиното објавување, а задоволството од читањето како книга во физичка форма беше уште поголемо.
„Песнило“ е книга што отвора очи, разбеснува, смее, лути, прашува дали сте здрави и прекорува. Стиховите меѓу кориците на ова џебно издание зборуваат и укоруваат многу. Затоа е и џебно издание за да оди секаде и постојано да прашува и потпрашува, да ни ја зема анамнезата редовно. Тие стихови не може, а да не се читаат на глас, повеќепати, често и како доза медикаменти редовно. Оваа збирка треба да се чита и препрочитува оти со секое читање ѝ се откриваат нови димензии, се добиваат нови прашања и уште повеќе одговори. Се радувам што конечно кругот на верни следбеници на Ива Петреска на нејзините вешти поетски настапи сега ја добија нејзината поезија во вид на книга. И тоа одлична книга! Посакувам „Песнило“ да беснее на сцената. Како што и заслужува!
Повеќе за книга може да се прочита тука!
Господ, па Америка, Румена Бужаровска (2024, Три)
Една од книгите што ептен ми остави впечаток минатата година е „Господ, па Америка“ од Румена Бужаровска. Оваа е нефикциска, есеистичко-патописна книга каде што Бужаровска прави една вивисекција на американското општество преку личното искуство од животот таму, како и едно целосно демистифицирање на американскиот сон на балканците за живот надвор од сопствената земја, а токму во Америка.
Во книгата има мноштво општествени коментари поврзани со американската опседнатост со Господ, користењето на оружје, за приватната сопствено, но и куп книжевни референци. Книгата ми отвори едно целосен нов начин на гледање на творештвото на Бужароска и ептен ми се допадна.
Млечни заби, Хана Корнети (2021, Или-или)
Долго време се убедувавме со Хана да ѝ ја прочитам книгата, не знам ни зошто толку убедување беше потребно, но дефинитивно беше едно одлично искуство! „Млечни заби“ е прва книга раскази на Хана Корнети каде што таа прави совршен спој меѓу сериозните и „потешки“ теми поврзани со младоста, растењето, смртта, болеста, но и автопоетички теми поврзани со начинот на пишување, на третманот на ликовите и нивната судбина. Но, главна работа од оваа збирка што ми остави многу, многу впечаток е хуморот на Корнети. Авторката успева секоја тема на расказите да ја исплете со ненаметлив, интересен, вистински хумор што прави читателот да се чувствува многу полагодно со теми како самоубиство, смрт или судбина.
Девојчински спомени, Ани Ерно (2024, Илика)
Вистинско освежување на македонската книжевна сцена е отворањето на новата издавачка куќа и кафе-книжарница „Илика“, а во мојава листа влегоа две нивни изданија од едицијата „Современа проза“. Прва од тие книги е „Девојчински спомени“ од француската нобеловка Ани Ерно.
Во ова автофикциско дело, авторката зборува за спомените од девојчинските денови, коментари за абортусот, отворање на феминистички прашања, односи кон историјата, но и кон личните дневници и писма. „Девојчински спомени“ е книга што ги допира класните прашања, родовите и сексуалните прашања, прашањата за идентитетот, за срамот. Меѓудругото оваа книга е првата книга од Ани Ерно преведена на македонски јазик, во одличен превод на Елисавета Поповска која влезе во Топ 5 преводи за наградата „Драги“.
Крајот на Еди, Едуар Луј (2018, Полица)
Еден од современите автори врз кој Ани Ерно има извршено големо влијание е францускиот автор Едуар Луј. Тој отворено зборува за влијанието што го прима од делата на Ерно, а тоа е видливо и во неговото пишување особено кон отворени однос на пишувањето кон сопственото искуство и раскажување за личното минато, личен однос кон сопствената историја итн. „Крајот на Еди“ е првата книга на Едуар Луј. Книга може да се чита како лична приказна за сопственото квир искуство, обзнанувањето на фамилијата за сопствена квир-ност и сите лични искуства на едно хомосексуално момче во мала средина кое има желба да студира надвор од тоа место, во големиот град соочувајќи се и со сопственото ослободување и себе-прифаќање. Книгата е во превод на Наташа Мечкароска-Симјаноска, а во Македонија повторно стана актуелна откако книгата беше мета на антиродовите движења кои ја нападнаа издавачката куќа поради нејзиното издавање.
Библиотеката во ноќта, Алберто Мангел (2024, Артконект)
„Библиотеката во ноќта“ на Алберто Мангел е првата книга во едицијата „Историја на читањето“ на издавачката куќа „Артконект“, а во превод на Ацо Пероски. Книгата „Библиотеката во ноќта“ е дело на аргентинското-канадски писател, критичар, преведувач и уредник и некогашен директор на Националната библиотека на Аргентина. Оваа книга е еден сериозен проект за да се направи еден историјат за важноста на библиотеките во историјата на читањето, но и општо за нивното значење во историјата на човештвото. Интересно е што авторот оваа историја ја нижи преку личното искуство со својата домашна библиотека коментирајќи ги начините и можните решенија за систематизирањето на книгите на домашните полици. Авторот ги коментира античките библиотеки, египетските папируси, Александриската библиотека, библиотеките на светските универзитети, кралската библиотека во Лондон, библиотеката на Борхес, „магарешките библиотеки“ во колумбиските рурални краишта, па до библиотеките во Париз, Торонто и Буеност Аирес, а преку тие коментари отвора општествени прашања за значењето на книгата во историјата, односот на капитализмот со книгите и книжевноста, како и улогата на технологијата во книжевноста и библиотекарството.
Тоа што лично ми беше фасцинантно е што Мангел постојано низ раскажувањето си игра со жанрот на книгата – те читаме философска расправа, те читаме историска панорама, те читаме автобиографска есеистика, те анегдотална проза. Второ, Мангел постојано зборува од позиција на љубов кон книгата и книжевното, како и низ призма на домашната библиотека, па оттаму како некој кој си гради сопствена домашна библиотека (која во моментов брои околу 1700 наслови) оваа книга ми направи да си поставам прашања поврзани со капиталистичката димензија на купувањето книги, значењето на домашната библиотека во поглед на класните прашања, како и отворање на нови можности за систематизирањето на домашната библиотека (што беше многу од корист во момент кога требаше да ја селам домашната библиотека од едно на друго место).
За страдањето на другите, Сузан Сонтаг (2006, Темплум)
Овој есеј на Сузан Сонтаг во превод на Владимир Јанковски ми падна во раце поради наставните активности во рамки на предметот „Книжевност, филм и култура“ на моите студии на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Покрај овој есеј, во рамки на истиов предмет читав и два есеи посветени на фотографијата од Валтер Бенјамин од збирката „Илуминации“, уште еден есеј на Сонтаг исто така посветен на фотографијата, како и есеи од Роберт Франк, Ролан Барт и други. Но тоа што беше пресудно да го издвојам овој есеј од сите овие кои ги споменав (а и кои не ги споменав) е моментот на шокирање што го добив од читањето. Имено, авторката во овој есеј коментира за воената фотографија, за фотографиите кои претставуваат страдање на луѓето, фотографии од ужаси, од криминал, геноцид, смрт.
Сонтаг во еден момент од есејот зборува за човековото воајерство при гледањето на фотографии од човеково страдање и тоа истакнувајќи дека гледачите сме воајери, без разлика дали сакаме да бидеме или не. Сонтаг со овој есеј зборува за функцијата на фотографијата да шокира, за тоа како шокирањето е нејзината смисла, за тоа како фотографиите се одново и одново актуализирање на моменти од човековиот живот и како постојано тие фотографии се наше одново шокирање и запрепастување. Овој есеј го поставува и прашањето за моралноста на фотографирањето на ужасите, за функцијата на воените фотографи и новинарите што известуваат од боиштата, Сонтаг преку коментарите за функцијата на фотографското ни поставува прашања за нашиот однос кон војната и кон спомените од неа.
Кој го уби татко ми, Едуар Луј (2024, Илика)
Претпоследна книга е уште еден наслов од едицијата „Современа книжевност“ на издавачката куќа „Илика“, уште еден превод на Ацо Пероски и уште едно дело на Едуар Луј. „Кој го уби татко ми“ може да го читаме како spin-off на „Крајот на Еди“ за која зборував погоре. Оваа книга го дораскажува односот на квир момчето со неговиот татко, повторно го коментира меѓусебното прифаќање, семејното насилство, но отвора и една целосно нова тема која во првата книга на Луј само се начнува е местото на таткото во: 1. животот на едно квир момче, 2. сиромашното семејство кое е маргинализирано токму поради начинот на живот на момчето и 3. местото на таткото во работничката класа во малото место во Франција. Овие три прашања од приватното преминуваат во општествени коментари за овие теми во третиот дел од книгата поставувајќи го главното прашања за тоа колку општеството, државата и политиката учествуваат во нашиот живот, но и во нашата смрт – токму како што е и насловот на самата книга – затоа и Луј поинтира со Стана свесен дека за тебе политиката е работа на живот и смрт.
Рајсфершлус, Јулијана Величковска (2024, ПНВ Публикации)
Последна книга на оваа листа е уште една стихозбирка, а тоа е најновата книгата на Јулијана Величковска со еден преинтересен наслов, „Рајсфершлус“. Оваа книга е примарно поетска збирка, но и збирка раскази можеби или песни во проза, игриви записи ослободени од интерпункција, но дефинитивно поетски текстови кои ја преиспитуваат стандардната книжевна форма оставајќи му на читателот слобода самиот да го трасира и ритамот, но и значењето на песните во „Рајсфершлус“. Она што е интересно во оваа збирка, најпрво е токму тоа – формата. Кога ги читате песните од оваа книга оставени сте сами на себе, авторката не ви помага во пронаоѓањето на значењето на песните оти песните се многузначи, синтаксата и интерпункцијата не ви помагаат кон соочувањето со формата оти интерпункција нема, а синтаксата е целосно прекршена и игрива, тука читателот сам го дава и значењето, и интерпункцијата, и конструкцијата на синтаксата. Со оваа книга, Јулијана Величковска го продолжува нејзиниот веќевоспоставен книжевен стил што го поставува во романот „Годишни времиња“ кој е еден поетски роман, но со искршена форма проткаена со поезија и визуелна уметност, а во „Рајсфешлус“ таа интердискурзивност и интермедијалност е унапредена преку ослободеноста на песните од стандардизирана форма, нивната ненасловеност, како и белините околу песните.
На тематски план Јулијана Величковска исто така прави едно надоврзување на „Годишни времиња“, но и тука унапредено и на едно повисоко ниво зборувајќи за личното, емотивното, телесното, феминистичкото, љубовното, мајчинското. Значаен дел од „Рајсфершлус“, а според мене и најзначаен, е вториот циклус насловен како „Антибајки“ каде што Величковска дава нов глас и нова перспектива на познатите бајки и тоа не на главните и гласни ликови, туку на оние кои го немале својот глас во тие бајки, кои биле маргинализирани, стишени, безгласни. Преку овие ликови авторката не само што дава глас, туку и со тој даден глас коментира моментални и актуелни општествени теми. Значајно е да се спомене и корицата која е дизајнирана од Јован Димоски која е исто како и песните во нестандардна форма, со клапни нанадвор, прекршена и дава една целосно нова слика за дизајнот на поетските книги кај нас.
Со изборот на овие десет книги ја заокружувам мојата читачка 2024 година за која што можам да кажам дека понуди многу интересни работи за читање од книжевната продукција за таа календарска година, но и среќен сум што открив некои постари изданија со подеднакво важно значење. Можам да заклучам дека читачкиот интерес минатата година многу повеќе ми беше насочен кон дела кои ги проблематизираат родовите прашања, феминистичките прашања, квир прашањата, класните прашања, прашањата поврзани со идентитетот, со капиталистичките текови на животот, со автофикцијата како доминантен жар и игривоста со формите како честа појава во работите што ги прочитав. А уште посреќен сум што ваквиот интерес се прелева и во работите кои ги пишувам!
Среќна Нова година!
Comentários